Свет

Иран: Американските бомби сериозно го оштетија нуклеарниот објект во Фордо

Американското бомбардирање на клучниот ирански нуклеарен објект „Фордо“ предизвикало „сериозна и тешка штета“ врз постројката, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Араки во интервју за CBS News.

„Никој точно не знае што се случи во Фордо. Сепак, она што досега го знаеме е дека постројките се сериозно и тешко оштетени“, изјави Араки. Тој додаде дека Организацијата за атомска енергија на Иран во моментов врши проценка и анализа на состојбата, по што ќе ѝ биде доставен извештај на владата.

Иако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нападите „целосно го уништиле“ иранскиот нуклеарен програм, неименувани американски извори за Washington Post наведуваат дека е потребно време за да се утврди вистинскиот обем на штетата. Притоа, се наведува дека пресретнати ирански комуникации намерно ја минимизираат нанесената штета.

Во ноќта помеѓу 21 и 22 јуни, САД изведоа воздушни напади врз три клучни ирански нуклеарни постројки – Фордо, Натанз и Исфахан – во рамки на операцијата со кодно име „Полноќен Чекан“. Нападите беа директен одговор на загриженоста околу нуклеарниот програм на Иран и следуваа по неочекуваните израелски воздушни удари врз Иран од 13 јуни, со кои започна нов бран на тензии меѓу двете земји.

Според Пентагон, нападите биле извршени со користење на најсовремена воена технологија, меѓу која и бомбардера B-2 Spirit, „бункер-бастер“ бомби GBU-57/B, како и ракети Tomahawk истрелани од американски подморници. Целта на операцијата била да се оневозможи капацитетот на Иран за збогатување на ураниум и да се нанесе значаен удар на нуклеарната програма.

Воените власти на САД посочија дека ова е прва оперативна употреба на толку моќни бомби. Прелиминарните проценки укажуваат на сериозно оштетување на иранските центрифуги и инфраструктура, иако конечната проценка на штетата сè уште не е објавена. Иранските власти тврдат дека последиците се минимални, но американски извори велат дека иранскиот нуклеарен капацитет е значително назадуван – барем на неколку месеци.

Нападите предизвикаа силни реакции во меѓународната заедница, загриженост за можна ескалација и одмазда од страна на Иран, како и дебата во самите САД за правната основа и долгорочните импликации од ваквиот потег. Иран официјално ги осуди нападите, прогласи крај на дипломатските напори и најави дека си го задржува правото на самоодбрана. Од Вашингтон, пак, порачаа дека целта не била промена на режимот, туку „неутрализирање на нуклеарната закана“.

На почеток