Македонија

Милошоски предупредува: Барањата на Бугарија се далеку од козметика

Во гостувањето во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, говореше за значењето на самитот ЕУ-Западен Балкан што неодамна се одржа во Скопје.
Тој нагласи дека изборот на Македонија како домаќин на овој важен состанок не е случаен, туку доаѓа како резултат на добрите резултати што земјава ги постигнала во спроведувањето на реформите, согласно новиот план за економски раст на Европската комисија.
„Сметам дека не е случајност што Македонија беше избрана да го организира овој самит, бидејќи фокусот беше ставен на планот за раст на ЕК, кој се рефлектира преку реформските агенди на сите држави од регионот. Нашата држава, во тој контекст, постигна најдобри резултати. Имаме солидна реформска агенда и добар степен на нејзина реализација, што е признавање за заложбите на македонската Влада и за посветеноста кон европските вредности“, истакна Милошоски.
Тој додаде дека според неговите информации, Македонија ја надминува просечната стапка на имплементација на реформите, која изнесува 75 отсто, како што беше посочено од еврокомесарката Кос.
„Кога има јасни, објективни и мерливи критериуми, кои не се условени од билатерални пречки или политички злоупотреби, резултатите се видливи, а оценките позитивни“, додаде пратеникот.
Осврнувајќи се на позицијата на бугарските европратеници, Милошоски рече дека нивниот однос е добар показател за оние што имаат илузии дека Бугарија има само едно барање – промена на Уставот.
„Поведението на бугарските пратеници во Европскиот парламент не треба да изненадува. Напротив, тоа е корисно отрезнување за сите оние што мислат дека Бугарија бара само козметичко прилагодување на Уставот. Во реалноста, тоа е само почеток на низата сериозни и тешки барања што ги имаат“, изјави Милошоски.
На крајот, тој подвлече дека независно од конечниот исход во Комисијата за надворешни работи на ЕП, факт е дека Македонија успеала да покаже дека менувањето на преамбулата не е единствениот услов од страна на Бугарија.
„Без разлика како ќе се развиваат настаните, она што се случи во европската Комисија е веќе успех. Стана јасно дека не станува збор само за реформи, туку за барања кои директно навлегуваат во историскиот и идентитетскиот наратив. Ако извештајот не помине поради бугарските пратеници, тогаш барем ќе знаеме за што всушност се работи – не за образование или здравство, туку за обид за прекројување на историјата“, заклучи Милошоски.
фото: ФБ

На почеток