Судскиот процес за „Пулс“ преселен во Скопје, ќе го суди Кривичен суд


Предметот за одговорноста за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 млади лица, денеска официјално беше префрлен од Основниот суд Кочани во Основниот кривичен суд Скопје, по одлука на Врховниот суд на Република Македонија.
Како што информираат од Кривичниот суд, префрлањето е направено согласно решението на Врховниот суд, кој постапувал по предлог на Апелациониот суд Штип. Главната причина за промената на месната и стварната надлежност е недостатокот на доволен број судии од кривична област во надлежните судови во Штип и Струмица, кои би можеле законски и ефикасно да постапуваат по сложениот предмет.
„Врховниот суд, ценел дека по конкретниот предмет треба да постапуваат судии од кривична област кои со стекнатото искуство и познавање на кривичната материја ќе овозможат гаранција за ефикасност, стручност, Законито постапување, а преку постапката ќе допринесат и за „сензибилизирање на јавноста“, како што е наведено во решението“, стои во соопштението.
Предметот, кој е заведeн под број КООА – 13/25, е оформен по обвинителен акт поднесен од Основното јавно обвинителство – Кочани. Според постапката, обвинителниот акт ќе биде распределен преку АКМИС-системот на совет за оцена на обвинение. Откако ќе биде доставен до обвинетите, започнува законскиот рок за поднесување приговори.
По истекот на роковите и доколку се исполнат сите процесни услови, судот ќе закаже седница за оцена на обвинението. Од Кривичниот суд најавуваат дека странките и јавноста ќе бидат навремено известени за сите наредни чекори.
Овој потег на Врховниот суд се смета за обид да се обезбеди праведно, транспарентно и стручно водење на процесот, за случај кој веќе подолго време го следи висок јавен интерес.
