Свет

САД ја паузира воената помош за Украина – Кремљ задоволен: „Колку помалку добијат, толку побрзо ќе заврши војната“

Одлуката на Вашингтон да го стопира дел од испораките на клучно оружје за Украина предизвика остра реакција од Киев, кој предупредува дека таквиот потег ќе ја ослаби одбраната на земјата токму во момент на засилени руски воздушни напади и напредување на фронтот.

Пентагон, според извори на Politico, ја замрзнал испораката на прецизна муниција и дронови за пресретнување ракети, поради загриженост дека американските залихи се при крај. Во пакетот што се одложува се вклучени и системи Patriot, кои Украина ги смета за клучни во одбраната од руските балистички ракети.

Украинското министерство за надворешни работи соопшти дека повикало претставник на американската амбасада во Киев за итен состанок, потенцирајќи дека секое одложување на помошта ѝ дава „ветер во грб на Русија“, во време кога дипломатските обиди за мир стагнираат.

„Секое одолговлекување само го охрабрува агресорот да продолжи со војната и теророт“, се наведува во соопштението.

Иако од американска страна официјално не било најавено целосно стопирање, Киев побара појаснување. Украинските власти изразија сериозна загриженост, а пратеникот Федир Вениславски ја нарече ситуацијата „многу непријатна и болна“ за Украина, особено во контекст на актуелните руски напади.

Во Москва, пак, владее јавно задоволство. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави:

„Колку помалку оружје добива Украина, толку поблиску сме до крајот на специјалната воена операција.“

Воените аналитичари предупредуваат дека прекинот на испораката на прецизна муниција ќе ја намали способноста на украинските сили да напаѓаат руски позиции зад фронтот, што, според Џек Ватлинг од британскиот институт RUSI, „ќе чини украински животи и територија“.

САД веќе еднаш кратко ја паузираа помошта во февруари, а следуваше и подолга пауза во март. Новата политика на администрацијата на Трамп сè уште не е јавно објавена, а последната помош што стигна во Украина беше одобрена уште во времето на претседателот Џо Бајден.

На почеток