Македонија

Во полицијата, царината и одбраната има најмногу боледувања, мотивот за земање е 90 до 100 процентна исплата на платата

Вкупниот број на осигуреници во здравственото осигурување надминува еден милион и 820 илјади, што е повеќе од бројот на жители според последниот попис.
Според директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашко Клековски, меѓу нив најверојатно има македонски граѓани кои престојуваат во странство, а кои не се одјавиле од државата и продолжуваат да користат здравствено осигурување. Тој не ја исклучува можноста дека има и фиктивни осигуреници.

„Над половина од здравствените осигуреници се по други основи, а не по основ на плата и на осигурени деца. Покренавме иницијатива пред Влада да се преиспитаат критериумите. Тоа е интерсекторска работа која ќе потрае бидејќи имаме помалку жители од тоа што во моментот имаме здравствени осигуреници“, истакна Клековски во изјава за медиумите.
Од Фондот за здравствено осигурување ќе предложат и измени на Законот за здравствена заштита со цел да се подобри системот на контрола при издавањето на боледувањата, за истите да се даваат на оние пациенти на кои тоа навистина им е потребно.

„Во основа имаме околу 17 илјади боледувања заради болест и околу 10 илјади породилни боледувања. Зголемениот број на барања на контроли произлегува од тоа што во институции од јавниот сектор има значаен број вработени кои се на боледување. Во здравството имаме клиники каде 20 проценти од вработените се на боледување, а посебен проблем имаме со боледувањата во полиција, царина и одбрана и во основа веќе физички не можеме да одговориме на сите барања за боледувања така што размислуваме како да предложиме измени за да се подобри системот на контрола на боледувањата“, вели Клековски.

Тој вели дека често се случува при зголемен обем на работа, персоналот да земе боледување за да ги избегне работните задачи. „Кога тие ќе земат боледување, се поттикнуваат и другите вработени да бараат начин да го избегнат зголемениот обем на работа. Кај матичните лекари има јасно пропишани стандарди како може да се даваат боледувања, но ако ги погледнете дијагнозите дека покрај акутните респираторни заболувања, скоро 50 проценти од боледувањата во Фондот се за болести на рбетниот столб, а кој било вработен над 50 години ако му го снимите рбетот ќе излезе дека има спондилоза или лумбаго, тогаш станува субјективно дали треба да се оди или не на работа”, изјави Клековски.

Дополнителна мотивација за земањето боледувања, според Клековски, се и колективните договори во кои е предвидено 90 до 100 процентна исплата на плата во време на боледување, што во однос на приходите значи дека на вработените им е сеедно дали се на работа или не. Друг фактор се и ниските плати во некои институции во јавниот сектор поради што луѓето земаат боледувања за да може да работат и дополнителна работа.

На почеток