Македонија

„One stop shop“ систем од денеска за помали гужви на Табановце, се преговара и со Албанија

Се намалуваат гужвите на граничниот премин Табановце, од денеска, петок, 5 јули, официјално стартува примената на системот „One Stop Shop“, со кој контролата ќе се врши само при влез во државата. Овој интегриран модел на гранична проверка треба значително да го олесни и забрза преминот на патници и стоки, особено во летниот период кога метежите се најизразени.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави дека свеченото пуштање во употреба на системот ќе се одржи токму во петок на граничниот премин Табановце-Прешево, со што официјално ќе започне новиот начин на заедничка контрола со Србија.
– Со соседна Србија се договоривме на крајот на неделава да го ставиме во функција овој систем. Во петок ќе организираме церемонија со што ќе отпочне примената на новиот модел на гранична контрола – рече Тошковски.
Тој додаде дека во тек се и преговори и со Албанија за воведување на „One Stop Shop“ на уште два гранични премини, со цел дополнително олеснување на движењето на луѓето меѓу двете земји.

Сличен модел веќе се применува и со Косово на премините Блаце и Јажинце, иако во Белановце сè уште не е ставен во функција. Според најавите, Македонија планира дополнително проширување на системот, додека со Бугарија и Грција, кои се членки на ЕУ и Шенген, ќе се работи на организациско подобрување на граничната инфраструктура и протокот.

– Вчера бев на граничниот премин Богородица со Грција и утврдивме дека има простор за оптимизација на преминот. Со мали реорганизации можеме да отвориме две нови ленти за излез и дополнителна лента за влез на товарни возила – истакна Тошковски.
Овие мерки беа соопштени по средбата со литванскиот министер Владислав Кондратович, кој престојува во официјална посета на Скопје. Двајцата министри потпишаа Договор за реадмисија и договор за билатерална полициска соработка.

На почеток