Мицкоски: Сериозно размислуваме за данок за оние што не склучиле брак


Премиерот Христијан Мицкоски утрово се обрати на дебатата „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“ која се одржа во Владата, при што порача дека државата е свесна за демографската криза и отворено се соочува со неа.
„Оваа Влада не го премолчува проблемот, го признава и се бори со него“, рече Мицкоски, додавајќи дека борбата за повисок наталитет не е задача на едно министерство, туку на целото општество – од градинките и училиштата, до родилиштата, семејствата и иселеничките клубови.
Во своето обраќање, премиерот потенцираше дека државата треба да стане место „каде мајчинството е благослов, а не товар“ и каде младите ќе имаат причина да останат.
„Се надевам, професор Јаневска, дека оваа година читанката нема да биде ‘Мама, тато и јас’, туку ‘Бато, дада, јас, мама и тато’“, рече Мицкоски.
Како дел од предложените мерки, тој откри дека Владата размислува и за воведување на дополнителни даноци за лицата кои не се во брак, како начин да се стимулира формирање семејства.
„Знаеме дека нема магично решение, но има постојана, намерна државничка борба. И ние веќе ја почнавме“, истакна Мицкоски.
