Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека нема потреба од раздвојување на постапките за обвинетите во случајот за пожарот во кочанското кабаре „Пулс“, во кој загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени. Според него, обвинителството има искуство со сложени предмети со повеќе обвинети и тоа нема да биде пречка за водење на ефикасна постапка. Ова доаѓа покрај предупредувањата од правниците дека предметот однапред, се осудува на пропаст.
„Ако се раздвојат постапките, може да се појават компликации – едни ќе бидат обвинети, други сведоци, а станува збор за ист кривично-правен настан. Имаме искуство со предмети со над 30 обвинети. Сега го чекаме одобрувањето на обвинителниот акт“, рече Коцевски.
Врховниот суд претходно одлучи предметот да го води Основниот кривичен суд Скопје, преку автоматска распределба (АКМИС). Се очекува Судскиот совет наскоро да одлучи во која сала ќе се одржуваат рочиштата – во опција се специјалната судница во Идризово, големата сала во Врховниот суд или во самиот Кривичен суд.
Коцевски додаде дека паралелно со овој предмет, истрага се води и против 29 полициски службеници, опфатени во одвоена постапка во Обвинителството за организиран криминал, за евентуални пропусти во врска со пожарот. Според Обвинителството, се прибираат докази, се сослушуваат осомничени и сведоци, и се очекува истрагата да заврши до почетокот на септември.
На оваа тема зборуваше и адвокатот Sвонко Давидовиќ во „Претрес“: