Пак проблеми со водата. Во скопските населби Црниче, Пржино и делови од Водно, жителите со недели се соочуваат со сериозни рестрикции или намален притисок, а револтот расте.
Маја С., жителка на Црниче, вели дека секое утро станува во 5 часот за да провери дали има вода за да се истушира пред работа.
– Секој ден иста приказна – станувам, нема вода, се нервирам. Одам кај сестра ми или брат ми, а за милениците полнам туби од работа – вели таа.
Слична е ситуацијата и кај Нена С., пензионерка од истата населба, која, крева шишиња за да направи ручек, да се измие, да ги наводни цвежињата.
Според ЈП „Водовод и канализација“, проблемите произлегуваат од енормната и неконтролирана потрошувачка на вода, која предизвикува нестабилност во системот, особено во повисоките делови на градот. Дополнително, расте и бројот на дефекти на мрежата, кои, според граѓаните, не се санираат навреме, па чиста вода тече по улици и тротоари.
– Градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на водата во делови од градот. Се очекува стабилизирање на системот по 23:00 часот – соопштуваат од претпријатието и апелираат за рационална употреба.
Од „Водовод“ велат дека дел од проблемот се и големите загуби на вода, кои достигнуваат и до 70%, и ги повикуваат граѓаните и локалните власти на соработка.
Политичките препукувања не изостануваат. ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија градоначалничката Данела Арсовска дека „се занимава со висока политика“, а половина Скопје нема вода.
Скопската градоначалничка, пак, вели дека има „диви приклучоци“ во Шуто Оризари каде биле фатени и полициски службеници, а за што, тврди, МВР не поднело пријава.
– Проблемот не е водата. Проблем се тие што ја крадат и институциите што ги штитат – порача таа.
Во меѓувреме, градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, соопшти дека Владата издвоила над 110 милиони денари за решавање на долгогодишниот проблем со водоснабдување во селата Љубанци и Љуботен.
фото: ФБ