Во период кога температурите надминуваат 40 степени, сè повеќе граѓани се жалат на летни стомачни вируси, придружени со пролив, мачнина, повраќање, болки во стомакот и покачена телесна температура. Лекарите алармираат на зголемен број случаи, а пациентите сведочат за денови поминати во кревет со тешки симптоми.
Најчести во летниот период, овие вируси се лесно преносливи, а во комбинација со тропскиот жежок бран – уште потешко подносливи.
„Прво ми се јави мачнина, а потоа два дена имав пролив, слабост и болки во стомакот. Ништо не можев да задржам. Температурата ми скокна до 38,5 и телото ми беше целосно исцрпено. Лежев дома три дена“, вели во изјва за Скопје1, 47-годишната Марија П, која е лекар и која верува дека се заразила од некои од своите пациенти.
Слично искуство има и Бобан Б, кој посочува дека симптомите ги добил откако се вратил од годишен одмор поминат во Црна Гора.
„Мислев дека е труење од храна, но докторот ми рече дека е вирус. Температурата ја имав една вечер, ама дијарејата и грчевите траеја четири дена. Сè што ми советуваа е многу течности, пробиотик и да се одмарам.“
Лекарите советуваат: Хидратација, антипиретици и строга хигиена
Според д-р Македонка Попова Спасеска, специјалист по семејна медицина, овие вируси се чести во летните месеци,
особено во услови на високи температури и неправилно складирање на храна.
„Летните гастроинтестинални вируси најчесто се пренесуваат преку загадена храна, раце или вода. Симптомите се појавуваат нагло и вклучуваат дијареја, мачнина, болки во стомакот, а кај некои и покачена температура. Кај повеќето пациенти, вирусот трае од два до пет дена, зависно од имунитетот на организмот. Температурата, кога ја има, најчесто е пократкотрајна и се јавува во првите 24 до 48 часа,“ вели за Скопје1 д-р Попова Спасеска.
Таа додава дека најважно е пациентите да внесуваат многу течности, за да се избегне дехидратација – особено опасна во услови на висок температурен стрес.
„Препорачуваме внесување на електролити, антипиретици за намалување на температурата, пробиотици за регулирање на дигестивниот тракт, и симптоматски терапии за болки или грчеви во стомакот. Ако симптомите траат подолго од пет дена, се јави крв во столицата или дојде до сериозна дехидратација – неопходна е итна лекарска помош,“ советува докторката.
Вируси и топлотен бран – опасна комбинација
Комбинацијата од летен вирус и температури над 40 степени дополнително ја влошува состојбата. Кај некои пациенти се јавува и пад на притисокот, главоболка и општа слабост, што го прави секојдневното функционирање речиси невозможно.
Лекарите предупредуваат дека во вакви услови, ризикот од компликации е поголем кај деца, постари лица и хронично болни. Најчеста причина за појава на овие вируси е консумација на небезбедна храна или пијалоци, како и одење на базени, езера и плажи без доволна хигиенска заштита.
Како да се заштитиме?
Избегнувајте јадење храна што стоела на собна температура
Мијте раце често, особено пред јадење
Пијте само безбедна, филтрирана или вриена вода
Избегнувајте мраз од непроверени извори
Не се капете во загадени води
Со оглед на тоа дека летото е во својот врв, а времето останува екстремно жешко, здравствените власти апелираат на зголемена внимателност, добра хигиена и веднаш да се побара лекарска помош доколку се појават симптоми на гастроинтестинален вирус.
фото: ФБ/ПЗУ Мастеса Медика