Со транспарент, „Слушнете го гласот на оние што повеќе не можат да зборуваат“, родители, роднини и пријатели на загинатите и повредените во кочански „Пулс“ испратија уште една порака до јавноста и правосудната власт. Тие се обратија и посочија: „Оддаваме почит на жртвите од земјотресот во Скопје и се сеќаваме на храброста на сите кои помогнаа да се роди урбано и модерно Скопје. Пред четири месеци се случи најголемата трагедија во поновата историја, каде поради затајувањето на институциите 62 деца беа пеплосани, а 200 повредени имаат трајни последици, а и уште 300 деца кои не се споменуваат и остануваат со траума“.
„Таа ноќ ќе го следи Кочани засекогаш, трагдија која наместо да нѐ сплоти, ни донесе дополнителни удари – политизирање, апатија, презир од одредени поединци, бидејќи парите и моќта се поважни од иднината на идните генерации. Родители, кои го продадовте споменот на своето дете и борбата за правда за ситни пари и подобра работна функција, каде ќе ви оди душата? Во пеколот да знаете. А таму не се вашите деца и никогаш нема да ги видите“, рече родител на загинато дете на 16-тиот марш по ред.
Потоа, се обрати Васка Стојанова, мајка на загинатиот Томче, која рече „Сакаме да прашаме до каде е постапката на ОЈО-ГОКК (за полицајците) или чекаат одмори, за да си ги однесат децата на одмор на вода, а ние на нашите деца на гробовите да им фрламе вода за да ги освежиме?“.