Белата куќа разгледува можност украинскиот претседател Володимир Зеленски да биде поканет на планираниот состанок меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин во Алјаска, јави NBC News.
Иако поканата сè уште не е официјално испратена, висок претставник на американската администрација изјавил дека ваков троен состанок е „апсолутно можен“ и дека во Вашингтон се надеваат дека ќе се реализира.
Трамп претходно тврдеше дека САД се „блиску до договор“ за прекин на војната, со „размена на територии на корист за двете страни“. Зеленски, пак, предупреди дека Украина нема да прифати предавање на окупираните територии на Русија, потсетувајќи дека анексијата на Крим во 2014 година не ја спречи понатамошната руска агресија.
Москва и натаму инсистира Крим и уште четири украински региони да станат дел од Руската Федерација.
Во заедничка изјава објавена во неделата, лидерите на Велика Британија, Франција, Италија, Германија, Полска, Финска и Европската комисија порачаа дека „за патот до мир во Украина не може да се одлучува без Украина“. Тие истакнаа дека дипломатското решение мора да ги заштити клучните безбедносни интереси на Украина и Европа, со силни и веродостојни гаранции за украинскиот суверенитет и територијален интегритет.
„Тековната линија на контакт треба да биде почетна точка за преговори“, наведуваат европските лидери, додавајќи дека меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила.
Средбата меѓу Трамп и Путин е закажана за 15 август во Алјаска.