Американското Министерство за одбрана во тишина спроведе ревизија со која министерот за одбрана Пит Хегсет добива овластување да забрани употреба на американски ракети со долг дострел против цели во Русија. Според „Wall Street Journal“, оваа практика е на сила од доцна пролет и фактички го оневозможила користењето на системите ATACMS за напади врз руска територија.
Новиот механизам на надзор е развиен од заменикот за политики во Пентагон, Елбриџ Колби, и се темели врз американските разузнавачки податоци. Покрај ракетите ATACMS, под контрола влегуваат и британските ракети со долг дострел „Storm Shadow“. Ниту канцеларијата на украинскиот претседател, ниту Министерството за одбрана на Украина, како и Белата куќа и Пентагон, не ги коментираа наводите.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 21 август изјави дека Украина „нема шанси за победа“ ако не ѝ се дозволи да возврати врз Русија, а ја критикуваше и политиката на неговиот претходник Џо Бајден. Сепак, Трамп порано кажа дека не се согласува целосно со одлуката за дозволување напади врз Русија со американско оружје.
Фрустрациите околу тригодишниот војна го натерале Трамп да разгледува нови чекори – од воведување економски санкции кон Москва, па сè до можност за откажување од мировниот процес. „Ќе донесам одлука што ќе направиме и тоа ќе биде многу важна одлука, можеби санкции, можеби царини, а можеби ништо – и ќе кажеме: тоа е ваша борба,“ изјави Трамп.
Руските власти, пак, предупредија дека Украина не може да користи високопрецизно оружје без директно учество на офицери од НАТО. „Тоа значи директна вклученост на Западот во војната,“ изјави претседателот Владимир Путин, пренесува „NBC“.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека состанок Путин – Зеленски не е извесен, бидејќи сè уште нема договорена агенда за евентуален самит.