Во Чаир, пред споменикот на Скендербег, се одржа голем турнир во Counter Strike 2, настан кој привлече бројна млада публика.
Првиот заменик премиер и кандидат на ВЛЕН за градоначалник Општина Чаир, Изет Меџити, истакна дека турнирот е многу повеќе од забава, оценувајќи го како силен сигнал за потенцијалот на младите во областа на електронските спортови.
„Е-спортовите веќе не се само игра, тие се страст, професија и голема можност за меѓународна афирмација. Овој турнир, организиран на барање на младите, е само првиот чекор кон формирање на првиот клуб за електронски спортови во Чаир – клуб кој ќе биде прибежиште за таленти и референтна точка за сите што се воодушевени од е-спортовите,“ изјави Меџити.
Тој додаде дека поддршката од Општината за младите нема да изостане и потсети дека голем број таленти од Чаир веќе имаат успеси на меѓународната сцена. Со отворањето на клубот тие ќе добијат нови можности да го претставуваат Чаир и Македонија на светско ниво.
„Ние сме со младите и за младите. Чаир е дијамант, а овој дијамант свети со енергијата на нашата младина. Со клубот CS 2.0, Чаир станува епицентар на младинската иновација во е-спортовите,“ нагласи Меџити.
Настанот беше претставен како почеток на едно ново поглавје за младите во Чаир – поглавје во кое традицијата и историјата се испреплетуваат со иднината и модерните визии, а општината се афирмира како центар на младинскиот развој во регионот.