Не постои оставка на специјалната обвинителка Катица Јанева се додека таа не биде писмено доставена до Советот на јавни обвинители, сметаат експертите. Од друга страна, ако оставката стане ефективна, без Јанева не постои ниту Специјалното јавно обвинителство и во август не можат да продолжат судењата по десетината преостанати предмети што СЈО ги води пред судовите, па некои експерти сметаат дека треба веднаш да се бира нов специјален обвинител според актуелниот закон за СЈО.
Претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев вели дека до Советот нема доставена оставка од специјалната обвинителка Јанева.
– Ние не можеме да ја констатираме оставката само врз основа на нејзината усна изјава. Треба да ја имаме написмено. Ако сака навистина да даде оставка, се знае како се дава според законот – вели Штерјев за „Слободен печат“.
На наше барање и од СЈО потврдија дека писмена оставка на Јанева не е доставена до Советот на јавни обвинители.
Јанева ги има сите овластувања
Јанева најави оставка на 15 јули, истиот ден кога Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ЈОГОКК) го отвори случајот Рекет во кој Бојан Јовановски и Зоран Милески Кичеец се осомничени дека зеле 1,5 милион евра рекет од Орце Камчев за да му ја олеснат постапката пред СЈО во истрагата „Империја“.
