Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) смета дека саудискиот принц Мохамед бин Салман го наредил убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во Истанбул, објави Вашингтон пост.
ЦИА до ваквиот заклучок дошла врз основа на сознанијата од повеќе извори на разузнавачките служби, вклучувајќи и од телефонските разговори на братот на престолонаследникот, принцот Халид бин Салман и на саудискиот амбасадор во САД со Кашоги, за кои сведочеле луѓе блиски до кралското семејство.
Според овие сведочења, принциот Халид му рекол на Кашоги дека треба да оди во Саудискиот генерален конзулат во Истанбул со цел да ги земе потребните документи, гарантирајќи му дека е безбеден.
Саудиската амбасада во Вашингтон соопшти дека амбасадорот и Кашоги никогаш не разговарале за негово заминување во Турција, и додаде дека сознанијата на ЦИА се лажни.
„И натаму слушаме различни теории без основа за таквите шпекулации“, изјави таа.
Сепак, според „Вашингтон Пост“, ЦИА е уверена дека нејзините сознанија се точни, истакнувајќи дека станува збор за „најконкретни докази досега“, кои го поврзуваат принцот Мохамед бин Салам со убиството на Кашоги.