Актуелно

Билјана Џинго до владата: Благодариме што ни прифативте за Кина, прифaтете ја нашата сугестијата за помош и од Русија

Билјана Џинго членка на Извршниот комитет на Единствена Македонија во име на Коалицијата „Никогаш северна – само Македонија“ во изјава за јавноста истакна:

Познато е во јавноста дека од почетокот на кризата Коалицијата „Никогаш северна-само Македонија“ има активна улога и до денеска имаме предложено десетици мерки во интерес на здравствената, социјалната и економската состојба во државата.

Во овој контекст, да потсетам, на нашата прес конференција пред еден месец, поточно на 22 март дадовме цврсто ветување дека доколку владата се обрати за помош од Кина и Русија помошта сигурно ќе дојде.

Владата ја прифати сугестијата и тогаш побара помош од Кина. И еве,  како што гледа целата јавност, пред два дена на скопскиот аеродром дојде помошта од Кина.

Во  име на Коалицијата „Никогаш северна – само Македонија сакам да се заблагодарам на помошта која пристигна од Народна Република Кина.

Но останува кај нас чувството на разочараност што владата само половично го прифати нашето барање и побара помош само од Кина, а не и од Русија.

Затоа, ја охрабруваме власта целосно да ја прифати сугестијата и веднаш да бара помош и од Русија која е драгоцена во овој момент.

Дотолку повеќе, сега ни  е потребна искрена и вистинска помош откако видовме дека Европската Унија не понижи на отворена сцена со изјавата на евроамбасадорот во Скопје, Самуел Жбогар дека Европската унија ни дава помош и тоа, замислете,  5 генератори, 25 шатори, 200 душеци и 1.000 ќебиња.

Затоа, власта веднаш да упати барање за помош од Русија. Како во случајот со Кина и тука гарантираме дека доколку владата упати барање, помошта ќе дојде и од Русија.

Свесни сме дека власта е преплашена бидејќи во Брисел ќе бидат бесни кога во било кој контекст се спомнува Русија. Но, сето тоа во овој момент е небитно. Сега е најбитно здравјето на народот. Здравјето на луѓето не трпи политички калкулации.

Коалицијата „Никогаш северна – само Македонија“ ги прави потребните чекори. На потег е владата. Она што можеме ние како опозиција, како политичари е да предлагаме мерки и да ветиме дека во оваа битка до крај ќе останеме на страната на народот – потенцираше Билјана Џинго.

видео: Единствена Македонија

На почеток