Градоначалникот на Тихуана, Хуан Мануел Гастелум прогласи хуманитарна криза во пограничниот мексикански град поради се поголемиот број на мигранти кои пристигнуваат.
Тој исто така изјави дека побарал ОН да додели помош за пристигнатите околу 5.000 мигранти од Централна Америка.
Поголемиот дел од мигрантите престојуваат во импровизирани сместувања на градскиот стадион. Ним им помагаат волонтери и од градските власти.
Гастелум ја критикуваше мексиканската влада дека доволно не ја разбира заканата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ја затвори границата ако проценат дека Мексико нема контрола врз ситуацијата во Тихуана.
Градоначалникот се пожали дека во градот пристигнале 20 тони федерална помош, но три четвртини од нив биле материјални за зајакнување на границата, а само пет тона биле наменети за мигранти.