“Водно, во целост, а особено над општина Кисела Вода е ерозивна експлозија”, “ако дождот паднеше на Водно, ќе имаше илјадници жртви” изјави проф. Трендафилов, експерт за порои и ерозија од Шумарскиот факултет, август 2016 кога се случија фаталните поројни дождови и поплави на Скопска Црна Гора кои однесоа човечки жртви.
Јапонците велат дека Водно е со најголем ризик при поројни дождови да дојде до катастрофи од поголеми размери и ќе пошумат дел кон трагичниот пат за Сончев град.
Што треба да се случи, за да државата ја тргне трасата на гасоводот од Водно? Треба ли нови жртви да ни се случат?
Па гасоводот се гради токму низ ерозивно подрачје кај спустот кон Шишево каде се моментално и кај Сопиште делот, каде не само што не смеело да се дозволи да се гради, туку треба да се пошумува, да се намали ризикот од ерозија, од поројни дождови и појава на свлечишта. Целата територија на Водно е подрачје загрозено од ерозија.
Не само што се гради каде не би смеело, туку се гради без спроведување на мерки за заштита од ерозија, на утврдено ерозивно подрачје и подрачје загрозено од ерозија.
Одговорност, во случај на катастрофа за која сите експерти предупредуваат, ќе сносат тие кои го одобрија градењето на гасоводот низ Водно и кои не преземаат мерки за заштита и превенција од ризици. Со име и презиме. Зошто на нивна адреса ќе се упатат кривичните пријави и на нивна совест ќе лежат последиците.
Наместо оваа Влада да ги санира штетите направени од претходната, со Сончев град и патот до него, АЕК кулата, итн., наместо Водно да го заштити, да го пошумува, да постави јасни граници на парк-шумата, тие продолжуваат лош проект од претходната, без мерки за заштита и со безбројни пропусти. Никој ништо не презема, сите се прават слепи и глуви и се тера ко да сме на дивиот запад. Само што сме бетер. И на дивиот запад имало некои норми и правила. Тука не. Тука ни локален шериф не постои. Само самоволие. Кога е веќе така, самораспуштете се. Па бар да знаеме дека е до нас и да си го преземеме Водно во наши раце“, стои во објавата на Фејсбук на граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.