Инцидент на меѓународниот аеродром во Мисрата, Либија, предизвикал привремен прекин на воздушниот сообраќај, откако приватен деловен авион доживеал несреќа при слетување и се запалил.
Леталото претходно полетало од Истанбулскиот аеродром „Ататурк“ во 5:45 часот. Авионот летал празен кон Либија, каде што требало да преземе патници.
Во моментот на несреќата во авионот се наоѓале само тројца членови на екипажот – двајца пилоти и една стјуардеса. Засега не е познато дали некој од нив бил повреден.
Причината за несреќата сè уште не е утврдена, а надлежните служби работат на утврдување на сите околности.
Според турските медиуми, приватниот авион му припаѓа на турскиот бизнисмен Хамди Акин, претседател на „Акфен холдинг“.
По инцидентот, сите летови од и кон аеродромот во Мисрата биле привремено прекинати. Дополнителни информации за состојбата на екипажот и причините за несреќата се очекуваат од надлежните служби.