Авионите за гасење на пожари „ер трактори“ не смеат да полетаат, среде топлотен бран и додека горат десетици пожари низ Македонија, зашто уште не почнале да се сервисираат. Трите „ер трактори“ од лани не се извадени од хангарите зашто не се сервисирани, објави СДК.
Активни пожари има во Старо Нагоричане, Македонски Брод, Кумановско и Валандово, ама во моментов најстрашно е во Кочани, каде синоќа гореа и куќи, а небото беше црвено од огнот.
Ако пред еден месец се чекаше повторно да падне тендерот за добавувач-сервисер, за Бирото за јавни набавки да дозволи тој да се најде со директно преговарање, сега се чека да дојдат понудувачите. Но, првиот сервисиран авион ќе може да биде ставен во функција за 40 до 45 дена, што значи октомври. Во тој дел од годината вообичаено нема пожари.
„Поканет е сервисерот минатата недела, чекаме да дојде неделава. Но, за сервисирање на еден авион за гасење пожари потребни се од 40 до 45 дена, сосе подготовките да полета и да се стави во функција. Жалам што ‘ер тракторите’ што ги начекав несервисирани, поминале приземјени многу пожари и сезони на пожари“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Беким Максути.