Трите авиони за гасење пожар „Ер Трактор“ кои повеќе од две години не се извадени од хангарите зашто не се сервисирани, сепак ќе се сервисираат откако сервисер ќе се најде со директно преговарање. И последната јавна набавка пропадна откако се јавиле добавувачи (сервисери) со енормно високи суми за сервис на леталата, објави САКАМДАКАЖАМ.МК.
„Немам намера да кршам закон, а ни Бирото за јавни набавки не дозволува да ја платиме сумата што ја бара сервисерот. На пример, за услугата бара сума која што е дури над 40 отсто повисока од таа што ја овозможува Законот за јавни набавки. Во моментов тече рокот за жалби по објавениот тендер. За една недела Државната комисија за жалби по јавни набавки ќе одлучи што да правиме понатаму“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Беким Максути.