Потрошувачката на пиво во Австрија опаѓа со години, а жителите денес во просек пијат околу 30 литри помалку пиво годишно отколку во 1990-тите, што претставува пад од околу 25 отсто.
Австриските пиварници наведуваат дека промената во навиките на потрошувачите е забележлива кај сите возрасни групи, а традиционалното пиво по работа повеќе не е дел од секојдневието за голем број луѓе.
Според податоците на Здружението на пиварници на Австрија, во 2025 година биле произведени вкупно 9,25 милиони хектолитри пиво, вклучувајќи ги безалкохолните видови и извозот, што е за 7,1 отсто помалку во споредба со претходната година.
Како главни причини за падот на потрошувачката, пиварниците ги наведуваат демографските промени, поголемата штедливост кај граѓаните и променетите навики на потрошувачите.
Иако класичното пиво бележи пад, безалкохолните видови бележат раст и веќе сочинуваат околу четири отсто од вкупното производство. Претставниците на индустријата оценуваат дека овој сегмент брзо се развива.
Австриските пиварници сè повеќе инвестираат во безалкохолни и полесни пива, помали пакувања и повратна амбалажа, обидувајќи се да се приспособат на новите барања на пазарот.
Австрија и понатаму има 361 пиварница, а пиварската индустрија вработува околу 3.500 луѓе и остварува годишен промет од околу 1,4 милијарди евра.