Членот на Антикорупциската комисија, Нури Бајрами во емисијата „360 степени“ вели дека не знае дали се покренати постапки против функционери на ДУИ.
„Дали има предмети за ДУИ, јас не сум се впуштил да анализирам и не знам. 222 предмети има за корупција и 257 за судир на интереси. Тоа се над 470 предмети. Никаде не се вели 'висока или ниска корупција' сите членови третираме исти вид корупција. Непотизмот генерира корупција“, рече Бајрами во „360 степени“.
Тања Ковачев од СДСМ доби прекршочна пријава од ДКСК, зошто не известила за вработувањето на нејзиниот сопруг. Во однос на предметите отворени пред изборите, Бајрами вели дека тие се врзани со рокови и мора да се отворат предметите, тоа е тековна работа за Антикорупциската комисија.
„Предметите се отворени на две седници. По тие предмети има и рокови кои мора да се пазар. Предметот мора да се заврши за 60 денови. Може да се работи ако станува збор за тековна работа и според програма, а нашата беше тековна, а не намерна. Ние не отвораме и затвораме предмети намерно, туку со времето се менуваат работите, застаруваат роковите. Има работи кои не се трајни, па не можеш да се вратиш без граници назад. Тие што се отворени, се гледа дека не се спроведени процедурите како што треба“, додава Бајрами.
„Ние сме на почеток и кога го имплементираме новиот закон и ние учиме. Во овој период со натрупани нови предмети, изборна кампања, со вакум од 10 месеци и предмети кои се работат по стариот закон, не можеме да дојдеме до заклучок до тоа дали е нешто е корупција или не. За разлика од другите органи кои водат управна постапка, ние мора да донесеме одлука која треба да е правно издржана. Тие предмети што имаат наводи, ние ги отвораме и не треба пред време да преудицираме што бараме. Ќе гледаме да не се претвориме атракција секој да достави било што, што не сме во можност да го провериме“, додаде Бајрами во „360 степени.
„Нас ни доаѓаат предмети од сите области, јавни претпријатија, училишта. Ние како надлежност имаме антикорупциска проверка на предметите. Ако ние не имплементираме закон и не дејствуваме за закон за лобирање, ако не проверуваме кои одредби генерираат корупција и непотизам, ние пак ќе викаме „ова е завршена работа“, рече Бајрами, запрашан зошто Антикорупциската комисија само кажува дали има непотизам или корупција и не превзема ништо.