Министерот за економија Крешник Бектеши денес во гостување на телевизија 24 изјави дека носителот на лиценцата не смее да го прекине греењето. Тој додава дека само под оправдани причини може да има прекин, односно при некоја интервенција на системот.
„Мрежата не е на БЕГ туку на Град Скопје, БЕГ има договор за користење на мрежата. За тоа постои и судски спор како се издадени лиценците кон БЕГ. Ние во член 47 во Законот за енергетика сме превиделе непрекинато давање топлинска енергија. Носителот на лиценца не смее да прекине да ја исполнува обврската, или, не може да има прекин на греењето. Според закон може да има прекин само ако претходно се извести Регулаторната комисија, но само под оправдани причини, кога има реална причина, некоја интервенција на системот на пример. Но, генерално не може да има прекин. Ние ќе ги користиме сите механизми за да имаме редовна дистрибуција на топлинска енергија.“- изјави Бектеши.