Српската пејачка Наташа Беквалац во емисијата „Премиера – Викенд специјал“ зборуваше за насилството што го трпела додека била во брак со Лукa Лазукиќ. Тоа беше трет брак за неа во кој ја доби и тригодишната ќерка Катја.
„Во тие моменти ја родив Катја и бев многу чувствителна. Тоа беше период кога не ме интересираше што се зборува за мене во јавност. Почнав да водам своја битка, која беше многу стресна и тешка. Но, за мене неопходна. Во прашање беше моето дете. Не ми беше важно што зборуваат другите за мене, а зборуваа многу грозни работи“, рече пејачката.
Беквалац во 2018 година се појави пред Итниот центар во Белград со тешки повреди на лицето и телото, кои ѝ ги нанел бившиот. Тогаш таа тврдеше дека Лука само ја туркал и дека ја искубал, но дека не направил ништо посериозно.
„Не можам да се сетам на некој пристоен збор за да опишам како се чувствував тогаш. Како да не вредам, навистина ужасно. Не би му посакала на ниту еден човек на планетата да му се случи тоа низ што јас поминав. Не сакам многу да разговарам за тоа, ниту да прераскажувам, не сакам да му придавам значење. Би дала сè на светот да го имам сето друго внимание, но не и ова“, додава таа.