Биткоинот повторно се искачи над психолошката граница од 60.000 долари, откако минатиот петок забележа остар пад и се спушти на најниското ниво во последната година и пол.
Иако најголемата криптовалута во светот од почетокот на годинава изгуби околу 27 отсто од својата вредност и сè уште вреди речиси двојно помалку од историскиот максимум, меѓу инвеститорите нема знаци на паника. Напротив, големите играчи продолжуваат агресивно да тргуваат, испраќајќи спротивставени сигнали за иднината на пазарот.
Една од најголемите драми се одвива околу компанијата Strategy на познатиот крипто-застапник Мајкл Сајлор. Откако компанијата, по неколку години, продаде дел од своите биткоини, кај дел од инвеститорите се појави страв дека довербата во крипто-пазарот се разнишува.
Тоа го искористил мистериозен инвеститор, кој преку сложена стратегија со опции се обложил дека акциите на Strategy ќе продолжат да паѓаат. Доколку неговата прогноза се оствари, тој би заработил дури 56 милиони долари.
Од друга страна, оптимизмот не исчезнува. Еден инвеститор вложил 21 милион долари во облог дека акциите на Coinbase, најголемата американска крипто-берза, ќе закрепнат во наредниот период. Доколку цената на акцијата порасне над одредено ниво, тој би остварил значителна добивка.
Познатиот аналитичар Том Ли од Fundstrat смета дека нема причина за паника и дека закрепнувањето на биткоинот е реално сценарио.
„Во време кога приказните за вештачката интелигенција ја поткопуваат довербата во традиционалните системи, биткоинот останува најсигурната форма на пари“, изјави Ли за CNBC.
Крипто-пазарот повторно го покажува своето непредвидливо лице – додека едни се обложуваат на нов пад, други во сегашната ситуација гледаат можност за купување пред следниот голем раст.