На 07.02.2022 во СВР Битола, Б.Ш.(44) од с.Брусник, битолско, пријавил дека со тврд предмет било извршено оштетување на стакло од влезна врата на времен објект (киоск), кој го користел за продажба на свеќи и цвеќиња, лоциран на пат за црквата „Света Недела“ во Битола.
Полициски службеници презеле мерки и било утврдено дека сторител е неговата поранешна сопруга, која во службен разговор со полициски службеници во Полициската станица Битола го признала делото и појаснила дека го сторила поради нивни меѓусебни недоразбирања. По целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена пријава по член 243 од Кривичниот законик.
Вчера од Културниот центар објавија дека е нападнат објектот на секретарот на Културниот центар Иван Михајлов во Битола. Тие соопштија дека случајот е пријавен во СВР Битола, но и во генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола.
–Повторно се наложува да си поставиме прашање дали е тоа само вандалски и криминален акт или станува збор и за нешто друго, пишуваше во објавата.
Сопругата на секретарот синоќа јавно на Фејсбук напиша дека таа го искршила објектот поради нивни меѓусебни недоразбирања и изнесуваше интимни работи поради кои е гневна и поради кои го искршила објектот. Порача деке и во соседна Бугарија треба да ги известат дека токму таа го нападнала објектот.