По повод најавената ТВ-емисија „Инсајдер“ што ќе се емитува на 1 ТВ, на која се споменува името на Зоран Азманов, претседател на надзорниот одбор на „Настел“ ДООЕЛ, тој вели дека против сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, поднел кривична пријава за изнуда и за изнесување невистини.
Азманов на средбата со новинарите објасни дека во петокот, во 13 часот и 51 минута, Бојан Јовановски во телефонски разговор му побарал 50 000 евра или стан за да „немал никакви проблеми“. Азманов го пријавил случајот во полиција.
„Јас никогаш не сум бил повикан во финансиска полиција за каква било истрага, а ваму му даваат документи на Бојан Јовановски да ме рекетира. Финансиска полиција не смее да дава документи и доколку ги има треба мене да ме повика“, вели Азманов. Тој побара од институциите да испитаат кој е тој што на нелегален начин контактирал со Бојан Јовановски за да му ги даде документите. Никогаш не сум контактирал ниту еден судија, ниту обвинител, како што пишува во најавата за ‘Инсајдер’, а ако е така, би сакал да добијам име и презиме. Ниту познавам обвинители, ниту контактирам со судии, посебно не во врска со градежништвото“, вели Азманов.
Сопственикот на 1 ТВ, Бојан Јовановски, во изјава за „Слободен печат“ ги отфрлил обвинувањата на Азманов дека му побарал рекет од 50 000 евра.
„Каков рекет, какви 50 000 евра, немојте тоа да го земате за сериозно. Со бизнисменот зборував двапати, тој бараше да се видиме, да се договориме, јас му реков дека нема простор“, изјавил Јовановски.