Услугите на Управата за водење на матични книги утре, вторник (16 декември), ќе бидат целосно прекинати поради најавен еднодневен бојкот од страна на вработените. Граѓаните нема да можат да извадат никакви документи, а шалтерите ќе останат затворени за странки.
Од Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) наведуваат дека бојкотот е предупредувачка мерка, откако во изминатата година не бил постигнат договор со надлежните институции околу барањата на вработените.
Иако службениците утре ќе бидат присутни на работните места, тие нема да вршат административни услуги. Нема да се издаваат изводи од матичните книги, венчаници, ниту други официјални потврди.
Според синдикатот, незадоволството произлегува од ниските плати и условите за работа. Тие бараат линеарно зголемување на платите од 20 проценти, образложувајќи дека нивната работа подразбира постојано ракување со чувствителни и доверливи лични податоци на граѓаните, без соодветно вреднување.
Од синдикалните претставници предупредуваат дека доколку надлежните не одговорат на барањата, можно е активирање генерален штрајк, што би значело целосна блокада на работата на Управата и запирање на издавањето документи на неодредено време.