Бојан Јовановски-Боки 13 кој е првообвинет во случајот „Меѓународен сојуз“ дава завршни зборови пред судијката Софче Гаврилова-Ефремова. Тој пред судот сакаше да ги побие фактите на обвинителката Ивана Трајчева дека тој лажел дека има поддршка. Ова е првпат да му се чуе глас во јавност по две години, откако започнаа процесите против него.
„Поддршката од Владата од лицето Зоран Заев тогашен премиер јас лично ја имав од првиот ден на формирањето на Меѓународниот сојуз. Обвинителството во своите завршни зборови го крсти тоа како ‘поттик’ од Зоран Заев. Не е мое да толкувам искажаното, а поттикот е голема форма особено кога доаѓа од лице кое извршува највисока државна функција во државата. Дека Зоран Заев бил информиран и знаел за активностите, работењето, а особено дека знаел за проектите е неспорен факт дотолку повеќе што кусо и со конкретни дејствија ќе ја опишам улогата на Зоран Заев, партиски функционери од СДСМ, како и претставници на локалната самоуправа.
Точно е дека Ардијан Амзовски дал 350.000 евра во готовина и дека имал потпишано договори. Под целосна одговорност тврдам дека Христина, мојот татко Миле, биле присутни, давале пари. Не знаела ни Јасна Ерцеговиќ за тие 350.000 денари, туку знаеле политичари. Парите се дадени на лидер на партија Зоран Заев, генерален секретар на партија Александар Кирацоски и градоначалник Стефан Богоев. Мене ме злоупотребил Зоран Заев, а не јас него“, кажа Јовановски.
Според него, бизнисмените не се откажале од проектот поради тоа што сметале дека тој нема да се реализира и е измама, туку бидејќи имало притисок од извршната власт. Како доказ рече дека е тоа што против Меѓународен сојуз или него како претседател – нема тужба од бизнисмените.
За тоа зошто 719.000 евра од Силјан Мицевски не биле упатени на „Меѓународен сојуз“ туку на Лилјана Тодоровска рече дека тоа е според договорот.
„Имаме два правни потпишани договори, со волја од двете страни, предадена платформа, сме ги започнале активностите, кој е овде оштетен – дали мислите дека ние сме сакале да прекинат овие договори и свесно не сме сакале да работиме на самоодржлив проект? Не. Сме сакале и сѐ сум направил, сѐ сум дал од себе. Тоа го потврди и Силјан Мицевски пред судот кој рече: ‘И телефонски се каравте за да направат нешто, а не направија ништо, иако можеа и да направат’. За овој проект, министерот за транспорт и врски потпиша наменски меморандум за соработка со цел брзо, ефикасно, целисходно реализирање на овој проект. Овој проект бил поддржан од Владата на Зоран Заев. Не само што добивме поттик и поддршка, добивме и ветување од него дека: ‘ќе биде формирана комисија за реализација на проектите на ‘Меѓународен сојуз’. Дека Зоран Заев и Владата ги знаела сите околности со ‘Меѓуанродниот сојуз’ зборува и доказот на Обвинителството. Изведен беше доказ скриншот од комуникација со Зоран Заев, каде го информирам дека има договор со ‘Пелистер’, обврските целите, го информирам дека е информирам дека знаел Трајче Заев и го информирам за блокирани средства. Тој се информира за проектот, го интересира, и вели дека: ‘ќе направат истрага и ако нема проблем ако се законски ќе ги одмрзнат средствата, не треба да стравуваш’, по што јас барам средба, а тој вика: ‘не е проблем ќе се видиме’“, додава Јовановски.