Ревизорските наоди во енергетскиот сектор треба да бидат проследени со конкретни мерки, рокови и одговорност, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска по средбата со главниот државен ревизор Максим Ацевски.
На работната средба биле разгледани резултатите од ревизиите спроведени во институциите и субјектите поврзани со енергетскиот сектор, утврдените слабости и пропусти, како и препораките на Државниот завод за ревизија.
По барање на Министерството, во изминатиот период биле спроведени ревизорски постапки во повеќе институции од секторот.
„Ревизорскиот извештај не смее да биде последниот чекор. Напротив, тој мора да биде почеток на конкретни промени. Секоја забелешка, секоја препорака и секоја констатирана слабост мора да добијат институционален одговор и јасен рок за постапување“, истакна Божиновска.
На средбата било разговарано и за воспоставување поефикасен механизам за следење на спроведувањето на ревизорските препораки. Министерството ќе побара од надлежните институции и органи во енергетскиот сектор да подготват акциски планови со конкретни мерки, рокови и одговорни лица.
„Неопходно е препораките на Државниот завод за ревизија да не останат само констатации на хартија. Ќе бараме конкретни активности, рокови и отчетност од институциите. Само така можеме да зборуваме за одговорно управување со јавните средства, поголема ефикасност и институции кои работат во интерес на граѓаните“, нагласи Божиновска.
Главниот државен ревизор Максим Ацевски ги презентирал клучните наоди и препораки од спроведените ревизии, при што ја истакнал важноста од навремено постапување на субјектите опфатени со ревизијата и надлежните органи.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Државниот завод за ревизија ја потврдиле потребата од продолжување на институционалната координација, со цел ревизорските наоди да имаат конкретен ефект врз подобрувањето на работата на институциите во енергетскиот сектор.