Во ЕУ на сите им е јасно дека оваа година Северна Македонија мора да ги почне претпристапните преговори, мора да има одлука, а кога таа одлука ќе се донесе зависи од сплет на околности – од една страна продолжувањето на спроведувањето на домашните реформи, од друга страна случувањата во самата Унија, во чии земји членки почна кампања за изборите за Европскиот парламент. Извори од Владата денеска на брифинг, говорејќи за неформалниот самит за Западен Балкан, кој под водство на Ангела Меркел и Емануел Макрон се одржа во Берлин, изразуваат оптимизам дека земјава зелено светло за почеток на преговори ќе добие во јуни.
Освен реформите и случувањата во самата Унија, суштинско во моментов е успешно завршување на вториот круг од претседателските избори. Одлуката за почеток на преговорите ќе зависи и од одлуката на секој граѓанин да излезе на гласачкото место, бидејќи неуспешен втор круг ќе биде лоша порака до земјите-членки за демократската зрелост на државата, велат од Владата и додаваат дека тука е важна личната одговорност на секој граѓанин.
На патот кон полноправно членство во Унијата, велат извори од Владата, има работи кои зависат од нас, како што е законот за Јавното обвинителство, каде се решава и статусот на СЈО и воопшто реформската агенда, но има работи кои зависат од европските избори и динамиката внатре во самата ЕК. Велат оваа година има кусо време меѓу објавувањето на извештаите и дискусијата, особено во тие земји каде таа мора да помине во парламентите, како што е случајот со Германија.
Различни земји-членки имаат различен фокус – има земји во кои има повеќе фокус на реформите, има земји кои повеќе се фокусираат на геополитичката ситуација, но сепак велат од Владата во моментов во пресрет на европските избори и пред да го видат извештајот земјите-членки избегнуваат да дадат јасен став. Таков е и случајот со Франција. Додека не поминат европските избори Париз нема да даде јасен и гласен став во однос на почетокот за преговорите.
Повеќе прочитајте на Фокус.мк