Британец на возраст од 60 години е осуден на две години и четири месеци затвор откако речиси три години го криел телото на својата мајка во замрзнувач, а во меѓувреме незаконски ги примал нејзината пензија и социјалните надоместоци, со што се стекнал со околу 78.000 фунти.
Кристофер Филипс на суд признал дека не овозможил достоинствен погреб на својата 89-годишна мајка Силвија, која починала во март 2023 година. Тој ја признал и измамата, бидејќи по нејзината смрт продолжил да ги прима исплатите што ѝ припаѓале.
Полицијата го уапсила во февруари годинава во семејната куќа во Порткол, во јужен Велс. Причината за смртта на жената сè уште не е утврдена.
Истрагата почнала откако здравствени работници изразиле загриженост бидејќи никој не ја видел Силвија од септември 2022 година. Кога полицијата пристигнала на адресата, Филипс тврдел дека неговата мајка престојува кај роднини во Лондон. При претресот, сепак, во замрзнувач било пронајдено нејзиното тело. Според полицијата, телото било покриено со цвеќе, а покрај него имало роденденска честитка од синот и неговото куче.
Според британските медиуми, Филипс на психијатар му рекол дека „не сакал да ја пушти“, а неговите адвокати навеле дека спиел во истата просторија за да биде во близина на телото.
Судијката Трејси Лојд-Кларк изјавила дека неговата мајка била понижена бидејќи три години била чувана во замрзнувач, додека тој ги подигал парите што ѝ припаѓале. Главната инспекторка Клер Ламертон од полицијата на Јужен Велс оценила дека станува збор за исклучително тажен случај во кој синот ја криел смртта на својата мајка и долго време финансиски профитирал од тоа.