Независната советничка на СДСМ во Град Скопје, Катерина Цаневска, со остра реакција се огласи по повлекувањето на Џихан Ахмед од кандидатурата за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, оценувајќи дека јавноста се соочува со сериозна институционална и политичка брука.
Цаневска посочи дека не ѝ е јасно од што точно кандидатката „поднела оставка“, нагласувајќи дека од желба или намера за кандидатура не се поднесува оставка, бидејќи таа формално никогаш не била избрана на функцијата. Според неа, суштинскиот проблем не е во самиот чин на повлекување, туку во фактот што лице кое конкурира за член на Комисијата за заштита од дискриминација покажало непознавање на основни поими и документи од областа.
Таа како особено проблематично го оцени настапот во кој се зборувало за „Истанбул“ како град, наместо за Истанбулската конвенција, документ што е клучен во системот на заштита од родово-базирана дискриминација и насилство. Според Цаневска, тоа е недозволиво за кандидат кој треба да одлучува за прашања од еднаквост и недискриминација.
Во својата реакција, Цаневска не ја насочи критиката само кон кандидатката, туку и кон Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата. Таа оцени дека вистинската брука е што Комисијата, наместо да биде филтер за стручност и компетентност, избрала кандидат за да се исполни партиски коалициски договор, игнорирајќи го квалитетот на одговорите дадени на јавниот распит.
„Бруки за сите“, порача Цаневска, додавајќи дека јавната и силна реакција од граѓанскиот сектор и јавноста е оправдана и потребна, бидејќи само преку притисок и јасна критика може да се спречи понатамошно уривање на довербата во институциите кои треба да ги штитат човековите права и принципот на недискриминација.