До крајот на овој владин мандат, сите јавни услуги ќе бидат достапни на интернет. Секој граѓанин преку својот мобилен телефон ќе може да ги завршува административните обврски и да добие дигитален идентитет, најави премиерот Христијан Мицкоски на „Дигиталниот самит на Западен Балкан 2025“ во Скопје.
„Нашата визија е држава која ќе биде целосно дигитална, транспаретна и ефикасна. Дигитализацијата не е за машини, таа е за луѓето, таа е за мајката кое сака побрзо да го запише своето дете во градинка, за пензионерот кој сака лесно да ја добие својата пензија, за студентот кој сака пристап до знаење и книги онлајн, за секој граѓанин кој ја чуствува државата како пријател, а не како противник. Технологијата треба да служи на човекот а не обратно,“ истакна Мицкоски.
Премиерот порача дека редиците пред шалтерите мора да останат минато и оти целта е Македонија да изгради дигитално општество споредено со најразвиените земји во Европа и регионот.
„Ќе создадеме генерации со дигитални вештини, ученици кои ќе бидат конкуретни со своите врсници во Европа, ќе градиме систем на сајбербезбедност што ќе гарантира доверба во дигиталното општество, да станеме земја што ќе привлекува инвеститори и ќе задржува таленти,“ потенцира Мицкоски.
Како дел од процесот, веќе функционира новата апликација Ем-услуги, која претставува дигитален паричник со сите документи и овозможува безбедна размена на податоци за рокови и обврски.
„Ова е почеток на една дигитална револуција што ќе ја промени државата од корен. Дигитализацијата ќе ја промени Европа од корен, таа е нашата шанса да изградиме поефикасна држава и поправедно општество. Иднината им припаѓа на оние што се подготвуваат за неа денес,“ нагласи премиерот, додавајќи дека дигитализацијата е предуслов за опстанок и напредок на општеството.