Денес се навршуваат четири години од смртта на Александар Џамбазов, еден од најголемите велемајстори на современата македонска музика, чиј творечки и културен печат останува длабоко врежан во националната меморија.
Роден на 3 февруари 1936 година во Стапар, Александар Џамбазов изгради импресивна кариера како диригент, композитор и културен визионер. Дипломирал на Музичката академија во Белград, а целиот свој работен век го посвети на Македонската радио-телевизија, каде што беше диригент на Танцовиот и ревискиот оркестар. Преку бројни снимки и концерти, во земјава и надвор од неа, тој го претставуваше автентичниот дух на македонската музика.
Неговиот творечки опус е исклучително богат и разновиден. Џамбазов е автор на бројни детски песни и беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот „Златно славејче“, кој остави неизбришлива трага во музичкото детство на многу генерации. Тој компонираше сценска и филмска музика, меѓу кои и за филмот „Мементо“, како и за драмите „Мајка“ и „Двајца на нишалка“. Во областа на класичната музика се издвојуваат делата „Рапсодија за Скопје“ и „Седум танцови варијации“, како и бројни хорски и популарни композиции со трајна уметничка вредност.
За својот исклучителен придонес, маестро Џамбазов доби повеќе од 40 награди и признанија, меѓу кои и државната награда „11 Октомври“, како и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.
Александар Џамбазов почина на 25 јануари 2022 година во Скопје, но неговото дело продолжува да живее. Четири години по неговото заминување, македонската култура и понатаму се потпира на темелите што тој ги постави, а неговата музика останува извор на инспирација и симбол на вистинска уметничка посветеност.