Четири години по смртта на маестро Александар Џамбазов, неговиот син, актерот и музичар Игор Џамбазов, во подкастот Претрес со Ландов зборуваше за ликот, делото и човечката големина на човекот кого генерации го паметат како „чичко маестро Џамбаз“.
Џамбазов го опиша татка си како редок спој на врвен професионалец и исклучително топол човек, обожуван од децата од „Златното славејче“, кои му го дадоа прекарот што остана трајно врзан со неговото име. Потсети и на муралот во Дебар Маало, поставен токму во близина на просториите каде што се одржувале пробите и кастинзите на фестивалот, како симбол на љубовта што градот ја има кон маестрото.
Во разговорот, Игор Џамбазов се наврати и на музичката ера во која Александар Џамбазов остави длабок печат, особено преку скопските фестивали од седумдесеттите години, кога македонската музика доби простор и признание и надвор од границите. Токму во тој контекст беше спомната и песната „Довидување“, напишана од маестро Џамбазов, а изведена од Јосипа Лисац, која и денес се смета за една од најемотивните и најврвни композиции од тоа време.
Џамбазов зборуваше и за последните денови од животот на маестрото, нагласувајќи дека неговото заминување било тивко, достоинствено и без жалби, како што и живеел.
„Маестро кој диригираше со животот со иста прецизност како и со оркестрите“, беше пораката што провејуваше низ целото сведоштво.
Споменот на Александар Џамбазов, четири години по неговата смрт, останува жив преку музиката и генерациите кои пораснаа со неговите дела, но и преку зборовите на неговиот син, кој го чува неговиот спомен.
Целата емисија: