Досега се потврдени четири случаи на делта-сојот во Македонија, а се чекаат резултати за уште четири граѓани за кои нема информации дали патувале надвор од земјава, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој потврди дека вчера било регистрирано уште едно лице заразено со индискиот сој на коронавирусот (делта), кое се лекува во Велес и има полесна клиничка слика.
Во меѓувреме, се чекаат резултати за уште четворица пациенти кои се сомнителни на индискиот сој на коронавирусот и тие се лекуваат во Скопје. Еден од нив, како што рече Филипче, има потешка клиничка форма и е поставен на респираторна машина, а другите се стабилни.
„Скринингот што се прави на тестовите во ИЈЗ и во МАНУ ја исклучува британската варијанта, што значи дека секаде каде што ќе се покаже дека не е британската варијанта, се прави секвенционирање на индискиот сој. До денеска приквечер ќе ги имаме резултатите за другите четворица пациенти“, рече Филипче.
Доколку се потврди дека овие четворица пациенти се позитивни, во државава би имале осуммина заразени од индискиот сој.