Со длабоки подземни конструкции ќе се стабилизира нестабилното земјиште на најсложениот дел од автопатот Охрид-Кичево кај Ботун. Министерот за транспорт Александар Николоски денеска објасни дека специфичниот состав на теренот и големото количество вода досега биле сериозна пречка за изградбата, но дека со ангажирање домашни и странски експерти е пронајдено техничко решение.
Николоски посочи дека станува збор за црна графитна земја, која во комбинација со водата создава нестабилна маса и ја отежнува стабилизацијата на теренот.
„Има работи што можеме да ги направиме и работи што не можеме да ги смениме. Она што не можеме да го смениме е земјата“, рече Николоски, додавајќи дека токму овие природни услови се причина што делот кај Ботун е особено сложен.
Во изнаоѓањето на решението биле вклучени македонски професори, експерти и научници, странски стручњаци, како и „Синохидро“. Стабилизацијата ќе се изведува со специјална техника, која по изградбата на автопатот нема да биде видлива.
На теренот во моментов работат три машини, од кои секоја тежи околу 130 тони, а ќе бидат ангажирани вкупно пет. Тие навлегуваат во земјата од 20 до 28 метри, на длабочина колку висина на зграда од седум до 11 ката.
Во земјата се поставуваат арматурни кафези тешки по околу 30 тони, кои се полнат со бетон. Со цевки и челични јажиња тие меѓусебно се поврзуваат, со што под земја се создава конструкција што треба да ја стабилизира основата на автопатот.
Вкупно се предвидени 250 вакви решенија на автопатот Охрид-Кичево, од кои 163 кај Ботун, а останатите на други делови од трасата, вклучително и кај Кнежино и Кичево.
Николоски оцени дека решението претставува новина во регионот и дека станува збор за инженерски најсложениот дел од автопатот. За оваа техника, како што посочи, веќе се зборува и на светскиот симпозиум на научници од областа на градежништвото што се одржува во Скопје.