Пејачот на групата „Парни ваљак“, Аки Рахимовски, почина оваа сабота на 67-годишна возраст, а неговата ненадејна смрт беше шок за неговата најблиска и верна публика.
На официјалната страница на „Парни ваљак“ сега е откриен точниот датум кога пејачот ќе биде испратен во вечно почивалиште.
Како што беше најавено претходно, Аки ќе биде погребан во Загреб, а деталите од последното збогување денеска ги споделија членовите на групата „Парни ваљак“.
- Последното збогување на Аки Рахимовски ќе се одржи во четврток на 27 јануари во 15 часот на загрепски Мирогој во Алејата на великаните, меѓу семејството и пријателите. Со оглед на досегашните епидемиолошки мерки, раководството на бендот „Парни ваљак“ ги замолува сите кои го сакале Аки и сакаат да му оддадат почит, тоа да го сторат од вторник, 25 јануари во Бунарот на животот пред загрепскиот Хрватски народен театар, каде ќе може да се донесат цвеќиња и да се запалат свеќи во спомен на овој единствен и голем музичар. Официјалната комеморација ќе се одржи во петок, на 28 јануари во 11 часот, во малата сала на Ватрослав Лисински во Загреб, за најтесниот круг на колеги и пријатели.