Летниот „beach hair“ изглед – природно брановидна и разиграна коса по ден поминат на плажа – со години е еден од најпосакуваните трендови. Но, иако многумина го обожаваат овој изглед, се поставува прашањето дали морската вода навистина ѝ годи на косата.
Експертите велат дека вистината е некаде на средина. Морската сол не е целосно штетна, но ниту сосема безопасна. Таа има способност да ја извлекува влагата од влакното, што може да доведе до сушење на косата, губење на сјајот и поголема склоност кон кршење.
Особено чувствителна е фарбаната, хемиски третирана или природно сува коса. Кај овие типови коса, комбинацијата од сонце, сол и ветер може дополнително да ја наруши структурата на влакното и да ја направи косата груба и безживотна.
Сепак, повременото изложување на морска вода не мора да предизвика сериозни оштетувања доколку косата се негува правилно. Стручњаците препорачуваат користење leave-in производи кои создаваат заштитен слој и помагаат да се задржи влагата во косата.
Еден од најважните чекори е косата да се исплакне со обична вода веднаш по излегувањето од морето. Ова помага да се отстрани солта и значително го намалува ризикот од сушење.
По деновите поминати на плажа, препорачливо е еднаш или двапати неделно да се користат хидратантни маски, како и да се избегнува прекумерна употреба на фен, преса или виткач, со цел косата побрзо да се обнови.
Со соодветна нега може да уживате во посакуваниот летен изглед без да го загрозите здравјето на косата.