Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски ја заврши 2025 година со извонреден успех, поставувајќи нов национален рекорд на 10 километри на пат. Ивановски настапи на реномираната трка „Сан Силвестре Валекана“ во Мадрид, Шпанија, која традиционално се одржува во последниот ден од годината, неколку часа пред влезот во новата 2026 година.
Македонскиот репрезентативец ја истрча трката за 29 минути, резултат што му донесе 17. место во исклучително силна меѓународна конкуренција, но и нов државен рекорд на оваа делница. Настапот во Мадрид уште еднаш ја потврди неговата одлична форма и континуираниот напредок на меѓународната сцена.
Овој успех доаѓа по уште една забележителна година за Ивановски, во која тој триумфираше и на Скопскиот маратон, зацврстувајќи ја својата позиција како водечки атлетичар во македонскиот спорт.