Необична грешка во градинка во Сиднеј предизвикала истрага откако дедо дошол да го земе својот внук, но по грешка однел друго едногодишно дете дома. Настанот се случил додека децата спиеле, а грешката била откриена дури кога мајката дошла да го земе своето дете и сфатила дека го нема.
Според „Гардијан“, дедото случајно зел друго дете, кое во тој момент спиело, и го однел со себе. Кога сфатил дека направил грешка, веднаш го вратил детето во градинката.
„Не можам да го објаснам тоа чувство. Не го обвинуваме. Не сме му лути, ја обвинуваме градинката“, изјавила мајката на детето.
Сопругата на дедото за „Сиднеј морнинг хералд“ раскажала дека тој бил многу вознемирен кога сфатил што се случило. Таа додала дека тој пристигнал во центарот во моментот кога децата спиеле и просторијата била затемнета.
„Многу сум среќна што малото било добро“, рекла таа.
Австралиската регулаторна агенција за образование и грижа за деца соопштила дека спроведува „темелна истрага“ за инцидентот, кој го оценила како „длабоко загрижувачки и сериозен“.
Агенцијата информирала дека е известена и полицијата на Нов Јужен Велс, но од полицијата велат дека немаат евиденција за полициска истрага.
Триша Хејсти, вработена во градинката, им се извинила на двете семејства и случајот го опишала како „изолиран инцидент“.
„Ова никогаш порано не се случило во Бангор, ниту во кој било друг наш центар“, изјавила Хејсти.