Дел од ракета на американската вселенска компанија SpaceX, кој останал во орбитата по мисијата од минатата година, денес ќе се судри со Месечината со брзина од околу 8.690 километри на час, објави Ројтерс.
Станува збор за вториот степен од ракетата Falcon 9, која во јануари 2025 година го испрати лендерот на компанијата Firefly Aerospace кон Месечината. Ракетниот степен, тежок околу четири тони и со големина на автобус, се очекува да удри во Ајнштајновиот кратер, на дел од Месечината што ретко е видлив од Земјата.
Од SpaceX нагласуваат дека судирот не е намерен. Се очекува ударот да создаде облак од месечева прашина, кој веројатно ќе биде осветлен од Сонцето, но тешко ќе може да се забележи со голо око од Земјата.
Вообичаено, ваквите делови од ракетите повторно влегуваат во атмосферата на Земјата и согоруваат или паѓаат во океанот. Но, поради поголемата сила потребна за мисијата кон Месечината, вториот степен останал во вселената и со месеци неконтролирано се движел како дел од вселенскиот отпад.
Астрономите претходно утврдија дека неговата траекторија неизбежно води кон Месечината. Според експертите, комбинацијата од сончевата активност и гравитациските сили го насочила кон природниот сателит на Земјата.
Иако ваквите судири се ретки, тие не се без преседан. Во 2022 година, степен од кинеска ракета исто така удри во Месечината, додека НАСА во 2009 година намерно предизвика ваков судир за научни истражувања.
НАСА и SpaceX веќе работат на решенија за да се спречат слични инциденти во иднина, особено во пресрет на мисиите од програмата „Артемис“, чија цел е враќање на астронаути на Месечината и изградба на постојана база.