Денес е Велики четврток, или Величетврток – еден од најзначајните денови во Страдалната седмица пред Велигден, кој во православната традиција има длабоко духовно и обредно значење. На овој ден се одбележуваат неколку клучни настани од животот на Исус Христос: миењето на нозете на апостолите, Тајната вечера, востановувањето на светата причест, првосвештеничката молитва и предавството на Христос.
Величетврток е ден кога верниците се подготвуваат духовно за најголемиот христијански празник – Велигден, но и ден исполнет со богата народна традиција која се пренесува со генерации.
Рано наутро, пред изгрејсонце, започнува еден од најпознатите обичаи – бојадисувањето на првите велигденски јајца. Според традицијата, домаќинките најпрво вкусуваат малку леб, се прекрстуваат и свртени кон исток ги бојат првите три јајца во црвена боја.
Првото јајце, познато како „божјаче“, има посебно значење. Се остава да го „фатат“ првите сончеви зраци, а потоа со него се допираат лицата на децата за здравје и благосостојба. Ова јајце се чува цела година, како симбол на заштита и вера.
Црвената боја на јајцата симболизира живот, воскресение и жртва – таа ја претставува крвта на Христос и победата над смртта. Самото јајце, пак, го симболизира гробот од кој произлегува нов живот, како што Христос воскреснал.
Обичајот за бојадисување јајца се поврзува и со преданието за света Марија Магдалена, која му подарила црвено јајце на римскиот цар Тибериј, поздравувајќи го со зборовите „Христос воскресе“, ширејќи ја веста за воскресението.
Покрај јајцата, на овој ден традиционално се подготвува и велигденскиот леб – обреден леб украсен со непарен број јајца, познат како кравај или богова пита. Во минатото, овој ден бил резервиран за домашни подготовки, особено за највозрасните жени во семејството.
Во народното верување постои и симболика дека на полноќ на Велики четврток „се отвора небото“, а душите на починатите доаѓаат меѓу своите блиски, останувајќи на земјата до Спасовден.
Величетврток претставува спој на вера, традиција и семејни обичаи, ден кој го означува почетокот на најинтензивниот духовен период пред Христовото воскресение.