Денеска е Духовден – Слегување на Духот Свети (Прв ден).
Овој празник се смета за роденден на Христовата црква. Имено, пред вознесението Христос им порача на апостолите да останат во Ерусалим и да го чекаат слегувањето на Духот-Утешител. На 10-тиот ден од Христовото вознесение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а овие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици. Тоа е конкретниот настан. Но, за црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време, па се до денес не ја напушта црквата. Духот е критериум за се што се случува во црквата и на општ и на личен план. Во таа смисла, Духот од оној ден во Ерусалим непрестано слегува врз црквата на Литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен.
На празникот на Симнувањето на Светиот Духна апостолите, подот во храмовите се покрива со трева, покрај ѕидовите се ставаат гранки од липа или друго дрво, а иконите се китат со цвеќе.
На овој празник редовно му претходи задушница што се празнува во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи што им се наменети на покојните претци. Овој ден меѓу народот е познат и под името „Мртва сабота“.
Овој празник уште се вика и Света Тројца зашто на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со одобрение на Богот-таткото се исполнило ветувањето на Богот-Син дадено пред апостолите дека ќе им го испрати Светиот Дух. Со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите тие се исполниле со љубов кон Бога и со желба да го величаат. Овој чин се смета за основање на Христијанската црква.
Празникот Духовден нашиот народ го смета за голем празник. Тогаш не се работи, се оди во црква, се изведуваат некои обичаи, а во некои места попладнето се оди на оро. Во некои места се изведува и обичајот Скрсти со кој се моли за дожд и родна година.
Во народното верување овој празник најповеќе се поврзува со душите на умрените. Се верува дека од Велигден до Духовден душите на умрените се слободни. Кога ќе се рече Ристос воскресе на Велигден се отворале вратите на рајот и пеколот и душите рисјански летнувале по небото и најповеќе застанувале по цветовите на дрвјата. Се вели уште и дека на Духовден мртвите разговарале па кој сакал да ги чуе, да го ставел увото на некој гроб ќе слушнел како шепотат како пчели кога брмчат.
А бидејќи душите на мртвите се слободни во овој период и бидејќи им е мило да се покрај своите, луѓето им приредуваат гозби. Особено тоа го прават на Задушница, саботата пред Духовден. А кога ќе дојдел овој празник, како што запишал М. Цепенков, „веќе ќе и спотераат анѓелите да и носат пак на небеси, да и затворат во рајот“. И Е. Спространов запишал дека на овој ден затоа што тогаш се затвора рајот мртвите ги мамеле со ореова гранка. Што се однесува до употребата на ореови гранки на овој ден треба да се напомене дека во народните верувања уште од претхристијански времиња оревот имал привлечна сила за душите на умрените поради што се користи во обредите на овој ден. Ставањето на ореови лисја во алиштата на овој ден има и практична цел, заштита од молци.
На Духовден се раздава „за душа“. Тоа се прави и за да се задоволат мртвите зашто пред да бидат затворени треба да бидат убаво нахранети. Поради тоа човек не смее ништо да јаде додека не раздаде нешто за „задуша“. Народот верува дека на овој ден душите на мртвите се причестувале поради што луѓето раздавале за „бог да прости“ за да имаат тие со што да се причестат. Тие меѓу себе се прашувале: „Ти се причести?“ – „Не се причестив!“ А не се причестувале зашто некој од роднините јадел пред да раздаде. Во тие случаи додека другите се гоштевале на софри, овие за кои немало раздадено седеле на страна „умилн’ти“.
Духовден се празнува три дена.