Една од највпечатливите нови авторки на регионалната сцена, Дина Јашари, кон крајот на март ќе одржи мини турнеја во Хрватска, каде што во Чаковец, Риека и Загреб ќе го претстави својот деби албум „Растенија без корен“ – издание кое веќе привлекува сериозно внимание кај публиката и медиумите.
Концертите ќе се одржат на 26 март во Чаковец (Клуб Простор), 27 март во Риека (Клуб Немо) и 28 март во Загреб (Клуб Катран).
Според изборот на регионалниот музички портал Rockomotiva, „Растенија без корен“ се најде во топ 5 албуми за 2025 година, потврдувајќи го силниот одек што албумот го има кај критиката и публиката „Растенија без корен“ е албум составен од девет песни создадени во текот на последните три години и претставува интимен и искрен музички дневник на уметницата. Со звук кој природно се движи помеѓу поп, нео-соул и џез, албумот нуди органичен, жанровски разнолик и современ израз, што ја издвојува Дина како еден од најавтентичните нови гласови на сцената.
„Албумот го носи пулсот на последните три години од мојот живот – исполнети со раст, преиспитувања, тишина и бучава. Песните се снимани на различни локации и со различни луѓе, па затоа е шарен, жив и пред сè искрен“, вели Јашари.
Добитничка е на престижната награда „Милан Младеновиќ“ за песната „Дома“, а зад себе има настапи на значајни европски фестивали како MENT Ljubljana, EXIT и ESNS Groningen. Во 2025 година го отвори концертот на култната британска група Massive Attack во Скопје.
На сцената ќе настапи со својот бенд, носејќи атмосферичен и емотивен концерт, во кој нежниот вокал, сонливите хармонии и модерната продукција се спојуваат во силно музичко искуство – формат што сè поуверливо ја освојува публиката низ регионот и Европа.