Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, соопшти дека во координирана акција на Одделот за борба против организиран и сериозен криминал, СВР Скопје и Агенцијата за национална безбедност, се идентификувани и лишени од слобода лицата кои на Велигден се обидоа да запалат објект на еврејската заедница во Скопје, при што нагласи дека државата нема да толерира никакви обиди за загрозување на безбедноста и јавниот ред.
„Посветено, темелно, упорно и одлучно работевме.
Колегите од Одделот за борба против организиран и сериозен криминал и СВР Скопје, координирано и во тесна соработка со Агенцијата за национална безбедност, успеаја да ги идентификуваат, пронајдат и изведат пред лицето на правдата, лицата кои на денот на Велигден се обидоа со опожарување на објект на еврејската заедница во Скопје да предизвикаат паника, страв и несигурност кај граѓаните и сите оние кои престојуваат во нашата татковина.
Ова е уште една јасна порака дека државата будно следи, институциите функционираат, а секој обид за поткопување на темелите на македонската безбедност ќе биде пресретнати навремено и решително. Нема да дозволиме ваквите појави да останат неоткриени, несанкционирани или толерирани.
Нашата мисија и обврска е јасна, да ја штитиме државата, правниот поредок и сигурноста на секој граѓанин. Секој што ќе се обиде на насилен или било каков друг начин да ја наруши безбедноста, ќе се соочи со институциите и со законот, без исклучок.
Граѓаните, нивната сигурност и нивниот мир се нашиот врвен приоритет, должност и одговорност“; вели Јанев.