Промени тема
Контакт

До 12.000 деца во Македонија годишно изложени на сексуална злоупотреба преку интернет: Во 78 отсто од случаите сторителот им бил познат

Скопје1.мк's avatar
Автор: Скопје1.мк

објавено пред 2 часа -

Македонија
media-libraryq8i09f5u6s84dBozNhD
Илустрација / Скопје1

До 12.000 деца на возраст од 12 до 17 години во Македонија во период од една година може да биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета преку технологијата, покажуваат алармантните резултати од истражувањето „Disrupting Harm“.

Според податоците, во 48 отсто од случаите децата биле изложени на повеќе од една форма на сексуална злоупотреба или експлоатација, при што подеднакво биле засегнати и момчињата и девојчињата.

Особено загрижува податокот дека во 78 отсто од случаите сторителот бил лице познато на детето, додека само во пет отсто од случаите станувало збор за непознато лице.

Во 57 отсто од случаите сторителите биле возрасни, а во 22 отсто врсници. Во 39 отсто од случаите бил вклучен сегашен или поранешен интимен партнер или лице кон кое детето чувствувало симпатии, додека во 27 отсто бил вклучен член на семејството.

Социјалните мрежи биле најчестата средина во која се случувала злоупотребата. Во 52 отсто од случаите биле користени платформи на социјалните медиуми, а во 30 отсто платформи за онлајн игри.

Меѓу најчесто споменуваните платформи се Инстаграм со 76 отсто, Снепчет со 55 отсто, ТикТок со 51 отсто, Ватсап со 40 отсто, Фејсбук со 34 отсто, Јутјуб со 29 отсто и Икс со 21 отсто.

— реклама —

Најчеста форма на злоупотреба било изложувањето на децата на сексуална содржина без нивна согласност, а биле регистрирани и случаи во кои од децата било барано да споделуваат фотографии или видеозаписи на кои се прикажани нивните интимни делови.

Последиците врз децата се сериозни. Истражувањето покажува дека оние кои биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета преку технологијата имале 11 пати поголема веројатност да се самоповредат и 12 пати поголема веројатност да имаат самоубиствени мисли и однесувања. Кај нив биле забележани и значително повисоки нивоа на анксиозност, како и чувства на срам, губење контрола, стрес и тешкотии со спиењето.

Иако 88 отсто од децата му кажале на некого за злоупотребата, само мал дел се обратиле до формалните институции. Само еден отсто пријавиле во полиција, еден отсто во центар за социјална работа, а 0,2 отсто контактирале со линија за помош.

На презентацијата на извештајот, заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени оцени дека истражувањето претставува важен чекор во разбирањето и адресирањето на ризиците што дигиталната средина ги носи за децата.

— реклама —

Тој нагласи дека брзата дигитализација носи големи придобивки, но отвора и нови можности за злоупотреба и експлоатација, поради што е потребен координиран пристап на институциите, стручната јавност и граѓанското општество.

Исени посочи дека извештајот дава насоки за унапредување на законската рамка, поддршка на професионалците кои работат со деца и зајакнување на механизмите за превенција и заштита.

Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, оцени дека наодите се длабоко загрижувачки и бараат итна и координирана реакција од институциите, граѓанското општество, приватниот сектор и заедниците.

— реклама —

Според неа, станува збор за „скриена криза“, бидејќи огромниот јаз меѓу распространетоста на злоупотребата и бројот на формално пријавени случаи покажува дека најголем дел од случаите остануваат невидливи за институционалните системи.

Милер нагласи дека одговорноста за заштитата на децата не може да биде префрлена врз самите деца, туку е обврска на возрасните и институциите да спречат злоупотреба, навреме да реагираат и да обезбедат безбедна средина и онлајн и во реалниот живот.

Истражувањето „Disrupting Harm“ е дел од повеќедржавна програма финансирана од Safe Online, а спроведена од ECPAT International, Интерпол и Истражувачката и прогностичка канцеларија на УНИЦЕФ – Innocenti, во партнерство со национални институции и организации.

Сподели

Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели како слика

Поврзани содржини

media-librarybu5d5drfnvce79u7lfe

Поранешен партиски лидер од Северна Ирска осуден за сексуална злоупотреба врз малолетнички

Свет | пред 2 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања